Иновациите започнуваат со идеја, но за да прераснат во нешто поголемо, потребни се вистинска средина, храброст за експериментирање и луѓе кои веруваат во нивниот потенцијал.
Токму на овие вредности се темели партнерството помеѓу FEYDOM, NU High School Academy и Brainster Next College.
Како македонски бренд со повеќе од 20 години искуство во создавање иновативен и модуларен мебел, чии производи денес се присутни на пазарите во повеќе од 20 земји, FEYDOM стана дел од развојот на новиот образовен простор на Brainster Next и NU High School Academy, придонесувајќи во неговото опремување, како и во создавањето на нашето подкаст студио.
Дополнително, новата сезона на Brainster подкастот ќе биде целосно реализирана во студио опремено и поддржано од FEYDOM, создавајќи нов простор за разговори, идеи и инспиративни приказни.
Но, ова партнерство е повеќе од уредување на просторот. Тоа е соработка помеѓу компании и образовни институции кои веруваат дека на младите им се потребни можности да експериментираат, да создаваат и да ги претворат своите идеи во реални проекти.
Во продолжение, нашите водители на NUStarz беа во фабриката на FEYDOM за да ја откријат приказната зад брендот, иновациите и важноста на инвестирањето во следната генерација креатори и претприемачи.
1. Како започна приказната на Feydom и која беше идејата зад брендот?
Приказната на FEYDOM започна во 2004 година, од една едноставна идеја: мебелот треба да се приспособува на животот, а не животот на мебелот.
Идејата се роди додека основачите Филимена и Зоран Радоњанин живееле со своето семејство во Австралија. Во простор кој требало да исполнува повеќе функции – од дневна соба и работен простор до место за игра и спиење – сфатиле дека традиционалниот мебел не секогаш одговара на потребите на современиот начин на живот.
Во 2005 година, во Шангај, биле развиени првите прототипови, а во 2006 година започнало производството во Македонија, каде што и денес ги произведуваме нашите гарнитури.
Така настана FEYDOM – бренд кој создава мебел што не е статичен, туку се менува заедно со потребите на луѓето. Повеќе од 20 години подоцна, оваа идеја и понатаму е основата на секој наш производ.
2. Што го прави Feydom различен од традиционалните производители на мебел?
За нас, гарнитурата не е само производ кој треба убаво да изгледа во просторот, туку дел од секојдневието кој треба да го направи животот поедноставен, поудобен и поинтересен.
Затоа нашите гарнитури се модуларни, мултифункционални и приспособливи. Една гарнитура може да се постави во десетици различни конфигурации, да се трансформира во кревет, да се прошири со дополнителни елементи или да добие сосема нов изглед со промена на навлаките.
За нас е важна и долгорочната вредност. Наместо да се купува нов мебел секогаш кога ќе се променат потребите, сакаме една гарнитура да може да се приспособува на различните периоди од животот и да трае со години.
Овој пристап се однесува и на начинот на кој работиме. Сакаме да експериментираме, да пробуваме нови идеи и постојано да го подобруваме она што го правиме, дури и кога тоа значи да ги преиспитаме традиционалните начини на производство.
Зад секој производ стои тим кој соработува, разменува идеи и заеднички бара подобри решенија. Не размислуваме толку за тоа како да бидеме различни, туку како да создадеме нешто во кое навистина веруваме.
3. Производите на Feydom се создаваат во Македонија, а се продаваат во повеќе од 20 земји. Како изгледа процесот на градење македонски бренд за меѓународен пазар?
Градењето меѓународен бренд од Македонија бара многу работа, трпение и постојано учење. И ние сè уште го градиме.
Од самиот почеток, нашата цел не беше само да произведуваме мебел во Македонија и да го извезуваме, туку да создадеме препознатлив бренд со сопствен идентитет, дизајн и филозофија.
За тоа се потребни добар дизајн, организирано производство, логистика, маркетинг, силни партнерства и соработка. Но, и подготвеност никогаш да не престанеме да кажуваме: „Ајде да пробаме!“
Она што го научивме е дека добрата идеја нема граници. Луѓето на различни пазари имаат различни навики и стилови, но потребата за мултифункционален дом станува сè поуниверзална.
Особено сме горди што нашите производи се дизајнираат и изработуваат во нашата фабрика во Визбегово, Македонија, а наоѓаат место во домови низ целиот свет. Тоа е доказ дека и од Македонија може да се создаде меѓународно конкурентен бренд преку иновација, квалитет и оригинална идеја.
4. Зошто сметате дека е важно компаниите да инвестираат во простори за образование, креативност и развој на младите?
Образованието не треба да се ограничува само на теорија. На младите им се потребни простори во кои ќе можат да експериментираат, да соработуваат, да создаваат и да прават грешки од кои ќе учат.
Креативноста не се развива само преку учење, туку и преку можноста идеите да се претворат во нешто реално.
Како компанија која и самата започна од една идеја, добро знаеме колку е важно да постои средина која поттикнува размислување надвор од вообичаените рамки.
Компаниите имаат одговорност да придонесуваат кон развојот на заедницата во која работат. Инвестирањето во младите не е само општествена одговорност, туку и инвестиција во иднината на нашето општество.
Така им даваме можност да го развијат својот потенцијал и да покажат дека и тука, во Македонија, имаме знаење, креативност и идеи од кои може да произлезе нешто големо. Понекогаш е потребно само некој да даде поддршка и простор за тие идеи да се развијат.
5. Што ве мотивираше да станете партнери на NU High School Academy и Brainster Next College и да помогнете во опремувањето на факултетот и подкаст студиото?
Најголема мотивација за партнерството се младите луѓе кои се дел од образовниот процес. Сметаме дека е клучно тие да работат на реални проекти, да ја покажат својата креативност и да ги реализираат своите идеи.
Особено ни е важно да им овозможиме можност да се запознаат со реалното работење на една компанија и да придонесат со своите идеи во различни сектори од нашето работење.
6. Која е една порака што би им ја пренеле на младите кои сакаат да создадат сопствен успешен бизнис?
Не чекајте да имате совршена идеја или совршени услови за да започнете.
FEYDOM не започна како голема компанија со разработен меѓународен бизнис план. Започна од една потреба, едно прашање и желбата да се најде подобро решение.
Најважно е да бидете љубопитни, да размислувате самостојно и да не се плашите да ги преиспитувате постојните начини на работа.
Бидете подготвени постојано да учите. Успешниот бизнис не се гради преку ноќ, ниту пак секоја идеја ќе биде успешна од првиот обид.
Не мора да започнете со нешто големо за да создадете нешто големо. Потребна е добра идеја, храброст да ја пробате и упорност да продолжите да ја развивате.